„Џамбо“ Милиќ: Имав 170 килограми, јас сум чудна сорта…

Страхиња Милиќ во Вардар го доби прекарот „Џамбо“ поради прекумерната тежина, за на крајот токму овој проблем да придонесе српскиот голман да си замине од таборот на „црвено-црните“. Вардар и Милиќ официјално раскинаа една година пред истекот на договорот, а веќе не е ниту тајна дека проблем била тежината на голманот, кој стигнал до рекордни 170 килограми.

„Тоа е вистината и не е ништо страшно. Се договоривме да ја намалам тежината, не успеав во тоа. Потоа сакаа да ми го променат договорот, не се согласив, па се разделивме. Жените не се прашуваат за години, а јас за килажа, но сепак еве ќе откријам дека максимумот што го достигнав беше 170 килограми“ – открива Милиќ во разговор за српските медиуми.

И покрај чудните околности при разделбата, Србинот порачува дека Вардар секогаш ќе го памети само по убави работи.

„Жал ми е што вака се завршува, долго време сум овде, мислам дека можеше да има и поинаков крај, но не успеавме да се договориме. Им беше чудно кога ме видоа, но јас сум чудна сорта. Се враќам дома и ќе почнам да работам на намалување на килограмите, а од Македонија си одам со прекрасни спомени и бројни трофеи“ – истакнува Страхиња Милиќ.

Се вчитува...