Џеков: Силекс конечно мора да победи

Силекс после репрезентативната пауза го очекува гостување во Гостивар и дуел со Арсими. Кратовскиот тим веќе е во резултатска криза, по трите порази, одигра двапати нерешено, па избраниците на Александар Васоски очекуваат, конечно, да дојдат до победа.

Репрезентативецот Ѓорге Џеков сега е фокусиран целосно кон клупските обврски.

„Чувството да се биде дел од сениорската репрезентација беше одлично. Тоа беше сон од мали нозе кој ми се остварува, да бидам дел од националниот тим. Се се случи брзо и среќен сум за дебито, и секако, ќе работам напорно за да продолжам да бидам дел од Македонија“, рече Џеков.

Очекува Силекс, конечно, да дојде до победа.

„Очекувањата се дека Силекс, конечно, ќе дојде до трите бода и да се вратиме на победничкиот пат. Сакаме да почнеме една победничка серија, и на крај да дојдеме до горните позиции на табелата, каде што сметам дека ни е местото“, изјави Џеков.

Во пресрет на овој натпревар, фудбалерот на Арсими, Суби Мустафа, изрази оптимизам и ја истакна работата што екипата ја завршила во текот на паузата.

„Во изминатите три недели работевме интензивно и максимално ја искористивме паузата за што подобро да се подготвиме за продолжението од првенството. Свесни сме дека не очекува тежок натпревар против Силекс, но екипата е мотивирана и подготвена за овој предизвик. Ќе го дадеме максимумот на теренот, со голема посветеност и ангажман, затоа што нашата цел е да оствариме позитивен резултат. Се надевам дека со поддршката од нашите навивачи ќе успееме да го постигнеме посакуваното“, изјави Мустафа.

Арсими има за цел да ја искористи предноста на домашниот терен и да се врати на позитивните резултати по паузата, во натпревар кој се очекува да понуди многу возбудувања и неизвесност.

Мечот Арсими – Силекс се игра денеска со почеток во 13 часот.

Се вчитува...