Циркус за без пари: Мак-баскет од „Тему“ (ВИДЕО)

Женската кошарка со години не ни е на посакуваното ниво, тонеме од година во година, но кога и она спортското тажно ќе биде засенето и од организациската неспособност, уште потажна, тогаш е јасно дека дното секогаш може да биде подлабоко.

Вистински циркус се случи кога пехарот од Суперкупот на Македонија доделен од Кошаркарската федерација се искрши само неколку секунди откако беше доделен на освојувачот Крива Паланка.

Девојките одиграа најдобро што знаат, победија и заслужија да се радуваат со вистински трофеј, а не со „импровизација од Тему“, на што наликува она што се распрсна во рацете на капитенката на Крива Паланка, а се нарекува некаков трофеј…

И да не биде сега новинарите лажат, ЕКИПА пак претерува, еве го видеото, па самите проценете…

Непријатно беше очигледно и за најфотогеничниот претставник на федерацијата (кој секогаш е присутен секаде каде што има сликање), кој најпрвин десетина секунди се местеше за фотка и поза, а кога се случи инцидентот, не знаеше кој пат да го фати.

Редакцијата на ЕКИПА се извинува на компанијата „Тему“. Веруваме дека тие имаат и квалитетни пехари во својата понуда, а овие како доделениот во женскиот Супер-куп сигурно се од асортиманот „два плус еден гратис“. За детски игри и забави, сигурно никој во „Тему“ не ни помислил дека можеби некогаш некоја федерација ќе тргне во шопинг на официјални трофеи на оваа платформа.

Секако дека текстот е напишан максимално сеирџиски, женската кошарка најискрено заслужува далеку попозитивен пристап, но тој пристап мора да почне од самата федерација.

А ако Суперкупот е најава за новата сезона, не може да биде ништо светло дури ни ако се гледа со „розеви очила“.

Се вчитува...