Во Кавадарци денеска Тиквеш ќе го пречека тимот на Брегалница, во првиот натпревар од 9. коло во Првата македонска фудбалска лига, и прв меч после репрезентативната пауза.
Тиквеш е во одлична серија натпревари без пораз и влегува во пресметката со Брегалница со цел да ја продолжи таа низа, но и да дојде до трите бода.
„Ова беше долга пауза, и направивме мини подготовки во овие денови. Се надевам дека сега после паузата ќе продолжиме онаму каде што застанавме. Имавме неколку нерешени средби од пет меча, но на сите натпревари прикажавме добра игра. Играме против Брегалница, која има тим за респект, со добри играчи. Сепак, ние играме на домашен терен, одиме на три бода со секого и се надевам дека на крајот бодовите ќе останат во Кавадарци“, вели капитенот на Тиквеш, Александар Вареловски.
Штипјани на гостински терен имаат лош учинок, само едно реми и три порази во досегашните четири меча. Од таборот на Брегалница се надеваат дека, конечно, ќе ја прекинат таа лоша серија и дека, конечно, ќе се израдуваат на триумф и на гостински терен.
„Знаеме дека Тиквеш е незгодна екипа, особено кога игра на свој терен. Свесни сме дека не очекува еден тежок натпревар. Но, имаме квалитет и веруваме во себе. Кавадарци е секогаш тежок терен за освојување на бодови, но ќе се обидеме да го дадеме најдоброто од себе и да се вратиме со позитивен резултат“, вели Ристе Темелков, играчот на Брегалница.
Мечот помеѓу Тиквеш и Брегалница се игра во 12 часот на Градскиот стадион во Кавадарци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
