Кожув триумфално ја отвори новата сезона, но тимот од Гевгелија вечерва го очекува најголемиот предизвик – домашен дуел против шампионот МЗТ Скопје.
Тренерот Миодраг Тодоровиќ минатата сезона стигна до големото финале со Маџари каде што беше поразен токму од аеродромци, но Тодоровиќ верува дека вечерва ќе успее да го земе скалпот на актуелниот шампион.
„Ние сме секогаш максимално мотивирани и желни за победа, но нормално е кога се игра против акутлниот првак таа мотивација да биде уште поголема. Задоволен сум од мојот тим, од начинот на кој работевме изминатата седмица и верувам дека сме подготвени за големото дерби. МЗТ е ривал што апсолутно го почитуваме, но јас верувам во својот тим и доколку одиграме како што знаеме, со помошта од верните навивачи ќе славиме заедно на крај. Кожув ќе стори се за триумф над МЗТ, дали тоа ќе биде доволно ќе видиме вечерва“, истакна Тодоровиќ.
Потоа, младиот стручњак се осврна и на дуелот од првото коло во кое Кожув како гостин славеше против екипата на Скопје.
„Првите натпревари вообичаено се несгодни, треба малку време за да се влезе во ритам, па така и ние имавме одредени проблеми во првото полувреме. Ме радува не само квалитетот на играта во вториот дел, туку пред се покажаниот карактер, не се откажавме кога беше тешко и тоа ни го донесе пресвртот. Со таков пристап можеме да се носиме со секого, да го победиме секој противник и верувам дека ќе го покажеме тоа и против МЗТ Скопје“, порачува шефот на стручниот штаб на Кожув.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
