Џердан Шаќири објави дека ја завршува репрезентативната кариера откако швајцарскиот ас испиша историја на ЕВРО 2024, станувајќи прв фудбалер што успеал да се запише меѓу стрелците на последните шест големи натпреварувања (светски и европски првенства).
Овој 32-годишен фудбалер стана првиот Швајцарец што настапил на седум големи натпреварувања за оваа земја (од СП 2010 до ЕВРО 2024), но откако настапи на само две средби на ЕВРО 2024 тој реши да се повлече од националниот тим.
„Седум турнири, многу голови, 14 годинисо швајцарската репрезентација и толку многу незаборавни моменти. Дојде време да се збогувам со националниот тим. Убавите спомени остануваат и на сите вас ви велам, благодарам“, напиша Шаќири на својот инстаграм профил.
Џердан настапува во МЛС-лигата за тимот на Чикаго фајр, а во неговата репрезентативна кариера остануваат запишани 125 одиграни средби и 32 постигнати погодоци за Швајцарија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА