Џон Тери го напушта „Стемфорд Бриџ“ по 22 години: Не можам да ја опишам љубовта кон Челси!

Капитенот на лидерот на табелата во Премиер лигата, Џон Тери одлучи да го напушти Челси по цели 22 години. 36-годишниот ветеран сезонава не е во прв план кај Конте, Италијанецот верува дека одбраната функционира подобро со тројката Давид Луиз, Гери Кејхил и Цезар Азпиликуета. Сепак тоа е само една од причините за напуштањето на клубот. Тери верува дека се уште има фудбалска енергија во него, па сака да ја искористи додека може. Поранешниот англиски репрезентативец во изјавата за официјалната веб страна на клубот, не знаеше на каков начин да се заблагодари на сите што соработувале со него овие две децении.

„По 22 години има многу работи што треба да се кажат, но прво сакам да се заблагодарам на сите што биле околу мене сите овие години. Знам дека зборовите се малку, се надевам дека делата што ги правев на теренот ќе ви бидат како знак на благодарност за се што правевте за мене. Со овој клуб освоив се што можеше да се освои, горд сум на тоа. Го направивме Челси фудбалски великан кој може да се натпреварува со секоја екипа“ – изјави Тери.

Англичанецот е најтрофејниот капитен на „сините“ со вкупно 14 трофеи, од кои четири се во домашното првенство, пет се во ФА купот, три пати го освои Лига купот и по еднаш Лигата на Шампиони и Европа Лигата. На пат е и петтата титула во Премиер лигата, само доколку Челси остане прв на табелата во следните шест кола.

„Ќе имаме уште прилики да зборуваме за мојата иднина, сега сум фокусиран да помогнам на било каков начин на тимот да остане лидер до крајот на првенството, за да можам уште еднаш да го кренам омилениот пехар. После долго и темелно размилување, одлучив да го напуштам ова место кое го сметам за мој дом. Знаев дека ќе дојде времето кога јас ќе морам да заминам од тука, мислам дека оваа сезона е вистинското време да го направам тоа. Имам уште сила во мене да се натпреварувам, потребен ми е нов предизвик“ – додаде Тери.

Џон Тери е трет на листата за најмногу настапи во дресот на Челси, со 713 официјални натпревари откако дебитираше во првиот тим во 1998 година. Тери исто така е дефанзивецот со најмногу постигнати гола во Премиер лигата, тресејќи ја мрежата 66 пати. Најдобриот дефанзивец во неговата генерација во 2005 година беше прогласен за најдобар играч на првенството, додека четири пати беше во идеалниот тим на лигата. За репрезентацијата на Англија настапи 78 пати, а националниот дрес за последен пат го облече на Европското првенство во 2012 година.

„Јас сум и ќе бидам навивач на Челси. Во мене тече сина крв, секогаш со мислите ќе бидам на „Стемфорд“. Секој трофеј што го освоив беше за вас. Никогаш нема го заборавам ова прекрасно патување“ – заврши легендата на Челси, Џон Тери.

Се вчитува...