Џонов: Пет дена трениравме пенали, знаев каде ќе тргне Гедбан

Ракометарите на Алкалоид бурно го прославија големиот триумф во финалето на Купот на Македонија и првиот освоен трофеј во клупската историја.

„Сино-белите“ покажаа и карактер и квалитет, одговорија на предизвикот кога беше најважно и со две победи во три дена над Вардар и Е. Пелистер стигнаа до големиот пехар.

„Задоволството е огромно, знаевме дека нема да биде лесно, но во ниту еден момент не помисливме на откажување, иако сезонава немавме победа ниту над Вардар ниту над Пелистер. Тоа ни послужи како мотив, формата ни се движеше во нагорна линија во последниот месец и одигравме најдобро кога беше најважно. Пресреќни сме, а овој трофеј ќе биде само мотив за уште подобри игри и резултати во иднина“, изјави Иван Џонов.

Токму Џонов ја имаше одговорноста да го изведе решавачкиот пенал во завршницата, успевајќи да го надмудри Гедбан. Македонскиот репрезентативец открива дека пред две години имал сличен дуел со алжирскиот голман, од кој ја извлекол поуката.

„Игравме со Алжир на Медитеранските игри и добивме пенал во последната секунда при нерешено. Тогаш јас ја земав топката, но Гедбан го запре седмерецот и мечот заврши без победник. Сега повторно се најдов очи в очи со него, знаев дека е петта серија и голманите обично во вакви критични моменти тргнуваат да затворат доле. Затоа ја упатив топката горе и реализирав, секако дека радоста во тие моменти беше огромна. Можам да кажам дека во последните пет дена се подготвувавме за вакви пенал-завршници, се знаеше кои петмина ракометари би шутирале седмерци во ваква ситуација, тренерот Лазаров само го одлучи конечниот редослед за пенал-рулетот во големото финале. Бевме подготвени за предизвикот пред нас и тоа ни го донесе големиот триумф“, истакна Џонов.

Се вчитува...