Џордан Теодор го пропушта „Трофеј Македонија“

Македонската кошаркарска репрезентација од денеска па се до сабота ќе биде домаќин на „Трофеј Македонија“, турнир што ќе се одржува во СЦ „Борис Трајковски“ и на кој покрај нашиот национален тим ќе учествуваат уште Португалија, Холандија и БиХ. Селекторот Јорданчо Давитков се соочува со сериозни проблеми во пресрет на овој турнир, со оглед на фактот дека нема да може да смета на Американецот Џордан Теодор. Американецот се повреди во третата четвртина од дуелот со Бугарија, па иако веднаш по мечот тврдеше дека се е во најдобар ред сепак беше утврдено дека повредата не е нималку наивна.

Теодор сигурно нема да игра на ниту еден натпревар од овој турнир. Тој има хематом на ногата што го мачи по мечот со Бугарија, поради што не можеше да тренира со остатокот од тимот. Не знаеме колку ќе изнесува точно паузата, хематомот треба да се разбие до крајот на оваа седмица, па да се утврди дали можеби ќе треба дополнителна пауза. Се надевам дека ќе биде подготвен за стартот на квалификациите“ – изјави Давитков.

Американскиот кошаркар не е единствениот проблем со кој се соочува македонскиот селектор во пресрет на овој турнир.

Покрај Теодор на располагање ќе го немам ниту центарот Бојан Крстевски. Тој веќе осум дена не тренираше поради воспаление на тетивата и нема да игра на овој турнир. Проблематична е ситуацијата и со Диме Тасовски, кој се мачи со повреда и на загревањето ќе видиме дали ќе може да ни помогне денеска“ – открива македонскиот селектор.

Македонија својот настап на овој турнир ќе го стартува вечерва (20.30 часот) со дуелот против Португалија.

Работиме добро, но за жал овие повреди малку го исфрлија тимот од ритам. Затоа, моја желба е пред се да немаме нови маки со повредите. Секако дека сакам да победиме, ќе сториме се да дојдеме до позитивен резултат, но многу поважно е се да мине во најдобар ред на здравствен план, за потоа да бидеме комплетни на стартот од претквалификацискиот циклус на почетокот од август“ – вели Давитков.

Се вчитува...