Дибала е МВП на сезоната, награда и за Кулушевски

Пауло Дибала е избран за МВП на сезоната во италијанскиот шампионат, објавија челниците на „Серија А“ неколку дена по завршувањето на сезоната. Аргентинскиот ас имаше извонредна сезона, па иако минатото лето беше на чекор до заминување, реши да остане и да ги убеди сите во своите квалитети. Дибала се наметна како прва опција во нападот, рамо до рамо со Роналдо, а по серијата одлични настапи заслужено го доби МВП-признанието.

Швеѓанецот со македонски корени, Дејан Кулушевски, е избран за најдобар млад фудбалер по извонредните игри во дресот на Парма, кои му осигураа и мегатрансфер во редовите на Јувентус. За најдобар напаѓач очекувано е избран Чиро Имобиле, кој со 36 гола беше најдобар стрелец сезонава, најдобар играч за врска е Папу Гомез од Аталанта, а најдобар дефанзивец Де Фрај од Интер.

Кристијано Роналдо не доби ниту едно индивидуално признание, а листата на лауреати ја заокружи неговиот соиграч Шчешни, кој е избран за најдобар голман во италијанскиот шампионат.

Се вчитува...