Дибиров: Во финале е сеедно дали ќе победиш со еден или со десет гола разлика

Тимур Дибиров беше меѓу најзаслужните за денешната победа над Еурофарм Пелистер и освоениот пехар во Купот на Македонија. Левото крило на Вардар постигна клучен гол на една минута до крајот, со што стави крај на надежите за камбек на битолскиот ривал.

„Многу сме среќни што го освоиме овој трофеј. Мислам дека се залажавме со убедливата предност во првото полувреме, во вториот дел имавме проблеми, но најважно е што ја задржавме предноста до самиот крај. На крај најзначаен е освоениот пехар, кога играш финале сеедно е дали ќе победиш со еден или со десет гола разлика. Честитки до тимот на Еурофарм Пелистер кој покажа дека има карактер, но нашите момци покажаа зошто го носат дресот на Вардар“, изјави Дибиров.

Еурофарм Пелистер и Вардар в четврток ќе играат нов меч, овојпат во рамките од плејофот, на кој „црвено-црните“ ќе ја бранат предноста од осум гола од Скопје во трката за титулата во домашното првенство.

Се вчитува...