Дидие Дрогба ќе биде газда и играч во новиот клуб

Легендарниот фудбалер од Брегот на Слоновата Коска, Дидие Дрогба пред еден месец го прослави 39.роденден, но се уште не планира да ја заврши кариерата. Дрогба има нов клуб и необичен двоен ангажман. Од американскиот второлигаш Феникс Рејсинг потврдуваат дека го донеле славниот фудбалер во своите редови, но не само како играч. Дрогба во Феникс ќе има двојна улога и ќе биде првиот играч-сопственик на клуб во историјата на фудбалот.

Тој е еден од сопствениците на овој клуб и одлучи да му помогне на својот тим и на теренот. Заедно со другите сопственици на клубот, Дрогба се бори Феникс во 2020 годинада заигра во МЛС, најсилната американска лига.

„Ќе играм се додека можам да му требам на тренерот во тимот. Нема шанси јас да отидам и да му кажам на тренерот дека мора да ме стави во првите 11. Воопшто нема да влегувам во неговите одлуки, мое е само да играм“ – истакнува Дидие Дрогба.

Последните две години тој настапуваше за тимот на Монтреал, а пред тоа играше за Ле Ман, Генгамп, Марсеј, Шангај и за Галатасарај. Вели дека одбил неколку големи понуди за да игра за Феникс.

„Имав понуди од Премиерлигата, од Кина, од Бразил… Меѓутоа, можев да играм само за Челси. Кога ја добив оваа понуда да станам играч и сопственик, не размислував многу. Се надевам дека наскоро ќе влеземе во МЛС“ – вели Дрогба.

Се вчитува...