Диего Форлан и официјално е нов селектор на Уругвај

Поранешниот славен уругвајски напаѓач Диего Форлан е именуван за нов селектор на фудбалската репрезентација на Уругвај, соопшти националната фудбалска федерација.

До промената на клупата доаѓа откако Уругвај не успеа да се пласира во нокаут-фазата на неодамнешното Светско првенство во САД, Мексико и Канада, по што беше прекината соработката со аргентинскиот стратег Марсело Биелса.

Во краткото соопштение Федерацијата наведе дека 47-годишниот Форлан ќе ја преземе не само сениорската репрезентација, туку и селекцијата до 20 години.

„Диего Форлан се враќа за да го преземе водството на репрезентацијата до 20 години и на сениорската репрезентација“, се наведува во соопштението, без да бидат откриени детали за должината и финансиските услови на договорот.

Форлан е еден од најдобрите фудбалери во историјата на Уругвај. За националниот тим одигра 112 натпревари и постигна 36 голови, со што е трет најдобар стрелец во историјата на репрезентацијата. На Светското првенство во Јужна Африка во 2010 година го предводеше Уругвај до полуфиналето, а беше прогласен и за најдобар играч на турнирот.

Во својата богата клупска кариера настапуваше за неколку европски великани, меѓу кои и Интер, а сега за првпат ќе ја предводи сениорската репрезентација на својата земја. Покрај тоа, Форлан ќе ја води и селекцијата на Уругвај до 20 години на континенталниот шампионат, кој ќе се одржи во јануари 2027 година.

Се вчитува...