Струга ТЛ во денешниот натпревар од 6. коло од шампионатот ја очекува дуел со Силекс.
Ќе биде тоа, без сомнение, неизвесен дуел, во што верува и дефанзивниот играч за врска кај стружани, Ласана Дијако, кој потенцира дека тимот, во секој случај, е максимално мотивиран за успех.
„Целиот тим е многу мотивиран за овој натпревар. Знаеме дека играме против директен ривал и свесни сме колку е важен овој дуел. Ќе дадеме сè од себе и ќе направиме максимум за да ги освоиме трите бода на домашен терен“, изјави Дијако.
Струга ТЛ досега има максимален ефект пред своите навивачи, три натпревари и три победи, без примен гол. Дијако сака таа серија да продолжи, но предупредува дека концентрацијата мора да биде на највисоко ниво во текот на целиот натпревар.
„Секој натпревар е различен. Ќе се обидеме да ја продолжиме добрата серија дома, но мора да останеме концентрирани од првата до последната минута“, вели фудбалерот на Струга ТЛ.
Натпреварот меѓу Струга ТЛ и Силекс е закажан од 16 часот на Градскиот стадион во Струга, а ќе го суди Александар Грујоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
