Димчевски: Два месеци не тренирав поради корона, сега се враќам во топ-форма

По лошиот старт на првенството во кој Гостивар забележа два пораза на самиот почеток, „сино-белите“ го поправија изгледот и со осум победи во следните девет средби повторно застанаа при врвот на табелата. Одличната форма на тимот во новата година резултираше избраниците на Србиновски да забележат перфектен скор од четири победи, кои беа забележани над Куманово, Академија ФМП, Пелистер и Еуро Никел.

„Разликата помеѓу почетокот на сезоната и почетокот на новата година е во тоа што сега сме комплетни. Имавме повредени играчи на почетокот и немавме можност да одиграме сите заедно. Ги залечивме повредите, тренираме сега сите заедно, а и ги погодивме странските игрчи. На почетокот на сезоната имавме проблем со и со самодовербата, тргнавме во првенството со два пораза, но сега полека ја креваме формата и очекувам уште подобри натпревари“ – го започнува разговорот Ивица Димчевски за ЕКИПА.

Фантастичниот напад на Гостивар во новата година постигнува во просек 99.2 поени по натпревар, а еден од најрасположените за триумфите над Пелистер и Еуро Никел беше токму Димчевски, кој блесна на паркетот. Бекот на Гостивар во овие два дуела постигна вкупно 59 поени со фантастична реализација за три поени од 72%, односно погодени 13 од 18 обиди.

„Секој натпревар мене ми е мотивација сам по себе, тренирам напорно и ја надминав повредата која ја имав. Покрај тоа позитивен бев и на Ковид-19, поминав со тешки симптоми, па не тренирав два месеца, но еве сега се враќам полека, а со тоа почнав и да прикажувам добри игри. Се надевам дека ќе продолжам со истото и во иднина“ – скромен е бекот на Гостивар.

Целта на Гостивар за висок пласман останува и оваа сезона, но како што вели Димчевски во една ваква непредвивлива сезона мора да се оди чекор по чекор…

„Нашата цел е да пробаме да влеземе во првите четири тима. Оваа година помеѓу тимовите има голема конкуренција и како што гледате и самите секој може секого да победи. Нема фаворити, изедначени сме, а доколку продолжиме во ова темпо во кое што сме сега може и да се надеваме на што подобар пласман. Отсуството на публиката за нас е голем проблем бидејќи во Гостивар секој натпревар го играме пред полни трибини, и ни недостасува оној ветер во грб кој ни го даваше публиката. До крајот одиме чекор по чекор, се надевам дека ќе влеземе во уште подобра форма и ќе играме уште подобро, а најважно е да останеме здрави“ – додава бекот на Гостивар.

Доколку не дојде до закажување на заостанати натпревари за оваа седмица, Гостивар го очекува подолга пауза поради квалификациите за Европското првенство во кои Македонија два пати ќе се сретне со Италија, и по еднаш со Русија и Естонија.

 

Се вчитува...