Димитар Данев е селектиран од најпрестижната европска агенција за фудбалски таленти!

Младинскиот репрезентативец Димитар Данев, една од најголемите надежи на македонскиот фудбал, е селектиран од најпрестижната агенција за фудбалски таленти во Европа, шпанската „ПХ Спорт“.

Одличните настапи за Вардар, но и за младата репрезентација на Македонија изминатава година, на 20-годишниот Данев, не останаа незабележани од Шпанците кои го вклучија македонскиот крилен офанзивец во сопствената програма за фудбалски развој. Сето тоа без сомнение треба да донесе нов импулс во напредокот на фудбалерот на Вардар, кој веќе е докажан на домашната прволигашка сцена, а во насока и на интернационална кариера.

Македонскиот фудбалер е дел од шпанската програма заедно со едни од најголемите таленти од Пиринејскиот полуостров, како Икер Луке и Карлос Нуњез од Атлетико Мадрид, Пабло Ибањез и Хуго Фернандез од Реал Мадрид, Бајрон Мендоза од Барселона, Педро Лима од Вулверхемптон…

Данев зад себе остави одлична година во шампионската сезона на Вардар, завршувајќи со три погодоци и шест асистенции, издвојувајќи се и како еден од највредните црвено-црни фудбалер, според „трансфермаркт“, иако со само 20 години.

Сега, и низ подготовките во Италија, под водство на новиот тренер на Вардар, Аргентинецот Кристијан Фабијани, повторно се издвои како една од ударните алки на тимот и за новата сезона во црвено-црниот дрес.

Еден од најголемите таленти на македонскиот фудбал одигра 30 минути и на првиот натпревар за Вардар од квалификациите за Лигата на шампионите, креирајќи ја притоа и единствената посериозна шанса на црвено-црните на натпреварот. Сето тоа, согласно очекувањата на вардаровите навивачи и македонската фудбалска јавност, за негова поголема минутажа и старт во првиот тим на Вардар за утрешниот реванш натпревар во Финска во кој „црвено-црните“ ќе се обидат да дојдат до изненадување.

Се вчитува...