Македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски е човекот кој тотално ја промени сезоната на Валенсија.
Повредата на голманот Жулен, кој бранеше во есенскиот дел, му отвори врата на голот само да го потврди тоа што многумина го знаеја – дека Димитриевски е далеку поквалитетен голман. Па, со извонредните настапи буквално на секој натпревар оваа пролет, Димитриевски ја донесе Валенсија и до европски излез, иако во тоа за малку не успеа.
Веднаш по синоќешната победа над Барселона, француските медиуми пренесоа информација дека Олимпик Марсеј е силно заинтересиран за македонскиот голман. Но, Димитриевски синоќа изјави дека дали ќе остане во Валенсија или не, зависи од клубот. Договорот со Валенсија истекува за Македонецот, но може да се активира нов договор од две години, до јуни 2028 година.
„Прашањето дали ќе останам во Валенсија не зависи од мене, туку од клубот. Јас секако сум воодушевен што сум дел од Валенсија. Работев напорно откако пристигнав. Среќен сум со клубот. Навистина бев пресреќен што добив шанса во втората полусезона и затоа го испорачав тоа ниво“ – истакна Димитриевски за шпанските медиуми и дополни:
„Валенсија е голем тим. Од јануари добив шанса да играм и мислам дека помогнав на тимот. Што се однесува околу Олимпик Марсеј, не знам ништо за тоа, но сигурен сум дека наскоро ќе се знае се околу мојата иднина“.
💬 @Dimitrievski1: “Jugar en Mestalla es increíble”#ValenciaBarça | #ADNVCF
— Valencia CF (@valenciacf) May 23, 2026
Од утре Столе Димитриевски се приклучува на македонската репрезентација на подготовките за пријателските натпревари со БиХ (29 мај, Сараево) и со Турција (1 јуни, Истанбул).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
