Димитриевски: Одбранив пенал, но не сум среќен… повеќе ќе сакав еден бод на ЕП

ЕКИПА во Букурешт,

Владимир Булатовиќ, Никола Станикевски, Роберт Спасовски

Македонија ниту на вториот натпревар во Букурешт не успеа да стигне барем до бод на ЕВРО 2020, откако нашите фудбалери загубија на дуелот со Украина со 2-1.

За разлика од премиерниот меч со Австрија, овојпат кобно беше првото полувреме во кое Украина доминираше и стигна до водство од 2-0 што избраниците на Шевченко го претворија во конечна победа. Голманот Столе Димитриевски беше најдобар поединец на овој натпревар, бранејќи неколку опасни шутеви на противниците, за во вториот дел да го запре и пеналот на Малиновски.

„Првото полувреме очигледно беше многу послабо од она што требаше. Во вториот дел ја покажавме нашата вистинска слика, покажавме најдобра игра што можевме на овој европски шампионат. Искрено, не сум задоволен бидејќи не помогнав доволно за да освоиме и прв бод. Сепак, тоа е фудбалот, треба да се бориме до крај, да се бориме до финишот на овој европски шампионат“, истакна Димитриевски.

Голманот на Рајо Валјекано останува скромен и на прашањето за одбранетиот пенал, делејќи ги заслугите со тренерот на голманите и со останатите чувари на мрежата во нашиот национален тим.

„Добро го анализиравме противникот, тренираме за вакви ситуации. Многу е тешко да се одбрани пенал, но ние добро ги имаме студирано противниците, ова е одбранет пенал, мој, на тренерот Мицевски, на останатите голмани“, изјави скромниот чувар на мрежата.

Се вчитува...