Димитриевски: Одличната атмосфера да ја искористиме за триумф во Хаифа

ЕКИПА во Хаифа, Израел

Владимир Булатовиќ

Се чини нема дилема за селекторот Игор Ангеловски околу тоа кој ќе застане на голот на македонската репрезентација на утрешниот натпревар против Израел во Хаифа. Голманот на шпанскиот Гимнастик, Столе Димитриевски е повеќе од подготвен за новиот репрезентативен предизвик, нагласувајќи дека мора да се искористи одличната атмосфера во тимот за да дојдеме до позитивен резултат од ова гостување.

„Навистина владее одлична атмосфера во националниот тим, и според мене тоа треба да го искористиме за да дојдеме до позитивен резултат во Хаифа. Без лажна скромност мислам дека ние имаме подобра селекција од Израел, посебно во нападот. Тоа може и да биде пресудно за натпреварот. Ќе се обидеме во одбраната да бидеме максимално концентрирани, а во нападот реализаторски расположени за да дојдеме до победата“ – вели Димитриевски, кој не се оптоварува со тоа дали ќе биде од првата минута на голот на Македонија.

„Јас единствено се трудам да одработам максимално на тренинзите. Подготвен сум секако, а дали ќе застанам меѓу диреците зависи од селекторот Ангеловски. Но поединецот не е важен кога се игра за репрезентацијата, сите кои сме повикани сме подготвени максимално секој на свој начин да допринесеме да дојдеме до посакуваната победа“.

По вчерашниот прв тренинг во Хаифа, македонската репрезентација денеска ќе го одработи и официјалниот тренинг на „Сами Офер“ стадионот каде утре се игра квалификацискиот натпревар со почеток од 20:45 часот.

Се вчитува...