Димитриевски: Сонот за пласман на ЕП го исполнивме, но нема да застанеме овде!

На еден ден пред стартот на Европското првенство, фудбалската ререзентација на Македонија се наоѓа во Букурешт и максимално се подготувува за својот премиерен настап. Фудбалерите предводени од Игор Ангеловски во Романија ги чекаат натпреварите со Австрија и Украина.

Во пресрет на ЕП, на денешниот брифинг, зборуваа првите два голмани на Македонија. Чуварот на мрежата на Рајо Ваљекано, Столе Димитриевски смета дека добро го познаваат првиот ривал, бидејќи веќе двапати се среќаваа со Австрија.

„Не чувствуваме притисок, напротив. Се обидуваме да гледаме позитивно на првиот меч и тоа да ни биде дополнителна мотивација за натпреварот со Австрија, противник кој го знаеме многу добро. Австрија има исклучително квалитетен состав и веројатно очекувањата се најголеми од Алаба и Арнаутовиќ. Нашата одбрана и голманот мора да биде на високо ниво, тоа го работиме на тренинзите и се надевам дека ќе го исполниме на натпреварот. Сонот со пласманот на Европското првенство го исполнивме, но не мислиме да застанеме овде. Нашата цел е пласман во следната фаза, а првиот чекор за тоа е добар резултат против Австрија. Добро ги анализиравме, ова е сосема поинаков меч од нашите два претходно и се надевам дека ќе бидеме на високо ниво“, изјави Столе.

Димитриевски е број еден чувар на мрежата во нашата селекција, па тој ќе биде еден од главните столбови на одбраната на Македонија.

Се вчитува...