Димитријевиќ го разбуди Хувентуд за пресврт победа во АЦБ лигата

Хувентуд стигна до петтата победа во АЦБ шпанската лига, славејќи во 8. коло пред своите навивачи против Обрадоиро со 83-79.

Хувентуд, за кој една од клучните улоги во триумфот ги одигра и Ненад Димитријевиќ, до победата стигна со пресврт по одличната последна четвртина. Обрадоиро имаше предност по првото полувреме од седум поени, но потоа Хувентуд со квалитетно издание во вториот дел стигна до победата.

Македонскиот кошаркар влезе во игра кога домашните беа во минус од осум поени. Во серија постигна пет поени, плус со украдена топка и офанзивен скок при крајот на третата четвртина кога се кршеше резултатот.

Димитријевиќ одигра 15 минути за домашните притоа запишувајќи 7 поени (2/2 за два поени и 1/3 од линијата за три поени), дополнети и со два скока. Најефикасен во победничкиот тим беше Лапровитола со 21 поени, а Досон постигна 20 поени. Кај гостите Ловет заврши со 15 постигнати поени.

Хувентуд со оваа победа се проби на четвртата позиција на табелата во АЦБ лигата со пет победи и три порази.

Се вчитува...