Димитријевиќ, Стојановска, Рајковиќ, Кочов… најдоброто од макбаскетот за 2019

Актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје Аеродром доминираше во изборот на Кошаркарската федерација на Македонија за најдобрите во мак-кошарката во 2019 година.

Главното индивуално признание му припадна на Ненад Димитриевиќ кој во конкуренцијата за најдобар кошаркар на Македонија беше подобар од браќата Војдан и Дамјан Стојановски. Најдобра македонска кошаркарка е Александра Стојановска.

„Металците“ беа избрани за најдобар машки тим во 2019, а стратегот Ѓорѓи Кочов го доби признанието за најдобар тренер. Во женска конкуренција Вардар е избран за најдобар тим, а предводничката на „црвено-црните“ дами Жаклина Стојановска е најдобар тренер. Емил Рајковиќ кој ја води казахстанската Астана е најдобар македонски тренер во странство.

Еден од најталентираните македонски кошаркари Андреј Јакимовски е избран за најдобар младинец, додека кај девојките наградата и припадна на Илина Селцова која настапува во унгарското првенство. Најуспешна млада репрезентација е У16 која минатото лето успеа да обезбеди опстанок во А – дивизија. Екипно кај клубовите во младински категории лауерати беа машкиот тим на МЗТ Скопје Аеродром и Бадел кај девојките. Најдобар тренер кај младинките е актуелниот селектор на сениорската женска репрезентација Владимир Ѓоровиќ, додека кај младинците признанието му припадна на предводникт на МЗТ, Горан Крстевски.

За најдобар судија е избран Александар Милојевиќ, а КФСМ додели и неколку специјални награди. Постхумно му беше доделена награда на Игор Стојанов, а претседателот Перо Антиќ и додаде специјална награда и на Специјалната Олимпијада.

Се вчитува...