Динамо Загреб е „фабрика за пари“: Продаде уште еден ас на Лајпциг, како замена за Гвардиол

Динамо Загреб уште еднаш ја демонстрира својата генијалност кога станува збор за умешноста за продажба на фудбалери, откако хрватскиот првак ќе заработи значителна сума од процентот од следен трансфер на Јошко Гвардиол, но исто така и ќе му го продаде на Лајпциг наследникот на Гвардиол во одбранбената линија на германскиот клуб.

Германските медиуми најавуваат дека во завршна фаза се преговорите меѓу клубовите за трансферот на Јосип Шутало, одличниот 23-годишен дефанзивец кој е најавуван како „следната голема ѕвезда што заминува од Максимир“. Шутало имаше проблеми со повреди во првиот дел од сезоната, но по камбекот покажа за каков играч станува збор и стана јасно дека Динамо нема да може да го задржи уште долго во своите редови.

„Модрите“ се согласиле на отштета од 25 милиони евра и трансферот во Лајпциг е пред официјализација, за што се чека само уште договорот околу процентот од следниот трансфер. Врз основа на оваа клаузула Динамо летово би требало да добие околу 25 милиони евра од трансферот на Јошко Гвардиол, па јасно е зошто челниците на Динамо секогаш големо внимание посветуваат токму на овој детал во преговорите.

Хрватскиот шампион летово ќе ги продаде и напаѓачот Петковиќ и голманот Ливаковиќ, а исто така ќе добие и процент од трансферот на Матео Ковачиќ во Манчестер Сити, но и оној на Марсело Брозовиќ (во Саудиска Арабија или во Барселона).

Се вчитува...