Динамо Загреб е клуб со срце – фантастичен гест на пријателство кон Шахтјор

Динамо Загреб уште еднаш ја покажа својата големина откако тимот за кој настапуваат нашите репрезентативци Аријан Адеми и Стефан Ристовски му излезе во пресрет на украинскиот гигант Шахтјор.

Украинците пред извесно време побараа помош за евакуација на децата од нивната фудбалска академија, по што Динамо испрати два автобуси. Тие на унгарско- украинската граница ја презедоа грижата над 27 момчиња и девочиња, како и четири члена на стручниот штаб. Автобусите веќе се пристигнати во Загреб, а децата се сместени во клупскиот хотел „67“, во близина на стадионот „Максимир“.

Клубот обезбеди сместување, храна и сите останати неопходни намирници за децата, кои организирано ќе ја посетат и Зоолошката градина во Загреб.

Јавна благодарност за ваквиот гест на Динамо испрати легендата на Шахтјор, долгогодишниот хрватски репрезентативец Дарио Срна.

„Сите знаеме во каква ситуација се наоѓа Украина и украинскиот народ и верувајте ми, секој вид на помош е добредојден. Во името на мојот клуб сакам јавно да му се заблагодарам на Динамо, кој во овие тешки моменти направи извонреден гест за Шахтјор, фантастичен за децата од нашата академија. Голема благодарност, ова никогаш нема да ви го заборавиме“, истакна Срна.

Се вчитува...