Претседателот на РК Алкалоид со повик до навивачите: „Да бидеме пример за спортска култура и почит, да и покажеме на Европа кои сме и што сме!“

Директорот на Алкалоид, Горан Минов на денешната прес-конференција во пресрет на неделното големо европско финале на македонскиот тим против грчки АЕК повика во недела во СЦ „Борис Трајковски“ на максимално фер и коректно навивање од сите навивачи на македонскиот тим.

Покрај на теренот, Алкалоид, Македонија и македонскиот ракомет треба да ја покажат својата големина и на трибините.

„Драга публико, почитувани навивачи, наш осми играч на теренот, во пресрет на финалниот ракометен напревар од ЕХФ Европскиот куп меѓу РК Алкалоид и РК АЕК, упатуваме искрен апел до нашите поддржувачи – да jа покажеме љубовта кон македонскиот ракомет и кон ракометниот клуб АЛКАЛОИД со фер и спортско навивање. Да навиваме со срце, да бодриме со почит и да покажеме дека вистинските навивачи се дел од фер-плејот на теренот“ – рече Минов, притоа дополнувајќи:

„Ви благодариме за сета досегашна поддршка и убавите коментари за првиот одигран натпревар против РК АЕК. Во недела имаме пред нас уште 60 минути тежок и голем предизвик. Публиката како никогаш до сега имаме потреба да нè бодри, да навива за нас, покажувајќи респект и почит кон гостинската екипа, во духот на фер-плејот. Со нас на трибините во недела ќе биде и нашиот најмлад навивач кој има само 2 години, а единствената официјална навивачка група на РК Алкалоид – „Кафетинки“ се вистински пример за тоа како е да се навива гласно, но од срце и со стил! Да бидеме пример за спортска култура кон нашиот тим, гостите и претставниците на европската куќа на ракометот, затоа што спортот не е само борба за победа, туку и празник на почитта, заедништвото и витешката игра“.

Се вчитува...