До лани беше финале, сега е лесен тренинг за Голден Стејт

Дуелите меѓу Кливленд и Голден Стејт во изминатите години важеа за кошаркарски пресметки за најголемите „гурмани“ на овој спорт, но ситуацијата драматично се промени со заминувањето на Леброн Џејмс во Лос Анџелес. Кливленд сега важи за еден од најслабите тимови во лигата, па неслучајно актуелниот вицешампион делуваше како спаринг-партнер на моќните прваци на Стив Кер, кои лесно победија со 24 поени разлика (105-129).

Стеф Кари одигра извонредно, постигна 15 поени само во првата четвртина, а на крајот го заврши мечот со 42 поени (девет погодени тројки), девет скока и седум асистенции.

И додека Кливленд реди порази, Леброн Џејмс успеа да го пренесе својот победнички менталитет во ЛА лејкерс. „Езерџиите“ славеа над Сан Антонио за четврта победа во низа, а во главна улога беше токму Леброн, кој 20 од своите 42 поени ги постигна во последната четвртина. Кузма реализираше 22 поени за лејкери, во чии редови две клучни тројки кога се кршеше резултатот погоди Џош Харт.

Расел Вестбрук стигна до нов трипл-дабл, вкупно 108. во кариерата, откако извонредниот бек реализираше 21 поен, 15 скокови и 17 асистенции во победата на Оклахома сити над Бруклин. Херој на Оклахома беше Пол Џорџ, кој постигна 25 од вкупно 47-те поени во последната четвртина, вклучувајќи ја и клучната тројка на 3,1 секунди до крајот.

Резултати НБА:

Кливленд – Голден Стејт 105-129, Орландо – Денвер 118-124, Атланта – Вашингтон 117-131, Бруклин – Оклахома сити 112-114, Мемфис – ЛА клиперс 96-86, Милвоки – Детроит 115-92, Минесота – Шарлот 121-104, Њу Орлеанс – Далас 132-106, Торонто – Филаделфија 113-102, ЛА лејкерс – Сан Антонио 121-113.

Се вчитува...