„Додека другите се кријат, Новак барем се обидува да направи нешто за тенисот“

Поранешниот шведски тенисер Матс Виландер долги години жестоко го критикуваше Новак Ѓоковиќ, па затоа е крајно интересно што сега цврсто застана во одбрана на Србинот, во ситуација кога тој е цел на бројни критики поради организацијата на „Адрија Тур“.

„Имав можност да направам интервју со Новак на првиот ден од Адрија Тур. Тој имаше солзи во очите, многу му значеше сето тоа, најмногу поради публиката на трибините. Треба да се разграничат некои работи, Новак имаше одговорност да собере врвни тенисери и да го почитува сето она што ќе му го пропише државата – тој го стори сето тоа. Проблемот е во тоа што српските власти многу погрешно ја имаа проценето ситуацијата со коронавирусот во земјата. Искрено ми е жал за Ѓоковиќ, бидејќи вложи толку многу труд за да направи нешто позитивно“, истакна Виландер.

Швеѓанецот смета дека на прворангираниот светски тенисер треба да му се честита бидејќи се обидува да направи нешто за својот спорт.

„Сите го критикуваат, но тој барем прави нешто за тенисот. Најлесно во оваа ситуација е да се седи и да се крие од очите на јавноста, како што прават бројни тенисери. Ќе повторам, неговата идеја беше прекрасна, организацијата беше на високо ниво, но за жал се случи тоа што се случи“, порачува Матс Виландер.

Се вчитува...