Договорено: Варан доаѓа на „Олд Трафорд“ за 45 милиони евра

Рафаел Варан ќе биде најновото суперзасилување на Манчестер Јунајтед за наредната сезона откако управата на „црвените ѓаволи“ ја исполни желбата на менаџерот Оле Гунар Солскјер и го доведе францускиот репрезентативец како партнер во одбраната за Хари Мегваер.

Преговорите со Реал Мадрид траат повеќе од еден месец, а според весникот „Паризиен“ вчера конечно бил постигнат целосен договор, откако „кралевите“ ја прифатиле понудата од 45 милиони евра што до нив ја испратил најтрофејниот англиски клуб. Флорентино Перез беше принуден на вакво нешто откако Варан му соопшти дека нема намера да потпише нов договор, па постоеше сериозна опасност Французинот следното лето да си замине без никаква отштета, како што тоа летово го стори Серхио Рамос.

По трансферите на Санчо и на Варан, се очекува Јунајтед до крајот на преодниот рок да доведе уште едно засилување за средниот ред. На врвот на листата со желби на Солскјер се наоѓа Саул Нигез од Атлетико Мадрид, а „план Б“ е младиот Камавинга од Рен.

Се вчитува...