Дојде време за одмазда: Вардар против Веспрем или Фленсбург ќе се бори за Ф4

Вардар игра фантастична сезона во Лигата на шампионите, па „црвено-црните“ неслучајно се наоѓаат на првото место во својата група. Реално гледано, групата А е далеку посилна, но тоа никако не го намалува сработеното од страна на „вардарци“ во досегашниот дел од Лигата на шампионите, резултати што речиси сигурно ќе му донесат и директен пласман во четвртфиналето. А таму, како што стојат работите, „црвено-црните“ пред себе ќе имаат добро познат ривал и сметки за израмнување, без разлика дали тоа ќе биде Фленсбург или Веспрем.

Ситуацијата е јасна- на две кола до крајот Вардар има еден бод предност во однос на Некар Левен, па на избраниците на Раул Гонзалес им се потребни три бода во последните две средби (во Белорусија против Брест Мешков и дома со Кристијанштад) за дефинитивно да се задржат на врвот и да добијат директен билет меѓу осумте најдобри, без да мораат да играат осминафинале. Вардар дури и со пораз во Белорусија би можел да остане прв, но за тоа да се случи потребно ќе биде „лавовите“ да загубат најмалку еден бод на своите последни две средби (на гостувањето во Целје или на домашен терен против Пик Сегед).

liga sampioni rakomet tabeli

Да се стигне до четвртфиналето и досега не беше никаков проблем за македонскиот првак, но факт е дека овојпат барем на хартија „црвено-црните“ ќе важат за фаворити, бидејќи добриот пласман ќе им овозможи избегнување на најдобрите два тима од групата А, во случајов Барселона и ПСЖ.

Според однапред утврдениот костур на натпреварување на ЕХФ, веќе е јасно дека Вардар како победник на групата Б, во осминафиналето би бил слободен, а во четвртфиналето би се сретнал со подобриот од двомечот А4 – Б5. Како што стојат работите во моментов, петти во групата Б речиси сигурно ќе биде Мешков Брест, а за третото и четвртото место во групата А се борат Веспрем и Фленсбург. Без разлика кој ќе биде трет, а кој четврти, јасно е дека и двата тима од групата А се суперфаворити во пресметки со актуелниот белоруски шампион.

Засега Унгарците се во предност бидејќи имаат три бода повеќе, но Фленсбург има и меч помалку, оној со „фенерџијата“ Шафхаузен. Како што стојат работите, решавачки ќе биде мечот од последното коло што ќе се игра во Веспрем, каде овие два тима ќе водат директна битка за третото место – кое ќе значи и избегнување на Вардар како ривал во четвртфиналето. Кил во моментов има ист број бодови како и Фленсбург, но „зебрите“ немаат речиси никакви шанси за пласман на четвртото место, бидејќи во последните две кола играат со Барселона и со ПСЖ.

Само за потсетување, Фленсбург беше тимот што му застана на патот на Вардар пред три сезони, кога „црвено-црните“ во трилер меч паднаа во завршницата во Скопје, на Ф4 во Келн отпатува германскиот состав, кој потоа стигна и до титулата. Година потоа Веспрем беше екипата што ги елиминираше „вардарци“ во четвртфиналето. Македонскиот првак оттогаш бележи само раст во формата, а тие неуспеси сигурно ќе бидат само мотив плус за Раул Гонзалес и неговите ракометари да им се одмаздат на ракометните гиганти и да си го остварат сопствениот сон – конечно да заиграат на еден фајналфор турнир.

Се вчитува...