Дојдете во „Јане Сандански“, Македонија игра две финалиња

Македонија игра одличен ракомет, па нашите млади селекции и во машка и во женска конкуренција се пласираа во големите финалиња од Светското првенство за училишен ракомет, на првенството што успешно се одржува во Скопје.

Од Федерацијата за училишен спорт на Македонија не го кријат задоволството од самиот голем настан, но уште повеќе од резултатите на македонските селекции, па за големите финалиња е донесена одлука да бидат играни во големата сала „Јане Сандански“, во текот на утрешниот ден.

„Ве известуваме дека двата финални натпревари во женска и машка конкуренција на Светското училишно првенство во ракомет ќе се одиграат на 28.04.2026 година (вторник) во големата сала „Јане Сандански“ во Скопје, по следниот распоред:

14:00 часот Македонија – Хрватска (женска конкуренција)

16:00 часот Македонија – Израел (машка конкуренција)

*Влезот во салата „Јане Сандански“ е слободен за сите кои сакаат да ги поддржат двете репрезентации на Македонија.

Во име на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, ја повикуваме македонската јавност да дојде и да ги поддржи нашите кадетки и кадети, кои во изминатите денови, и на теренот и надвор од него, достоинствено ја претставија нашата земја во најдобро светло. За нас, како Федерација, тие веќе се шампиони. Им благодариме за одличните натпревари и фер-плеј играта.

Воедно, сакаме да им се заблагодариме на сите кои во изминатите денови од лице место ги бодреа нашите надежи“, се вели во соопштението на Федерацијата за училишен спорт на Македонија.

Се вчитува...