Работнички се закити со нова куп-титула откако со фуриозно второ полувреме ја совлада екипата на Блокотехна во финалето од завршниот турнир што се играше во Гевгелија. Ниту поддршката на гевгелиските фанови ниту пак заморот по синоќешниот трилер-меч со МЗТ не влијаеше врз избраниците на Марин Докузовски, кои по израмнетото прво полувреме во вториот дел издоминирааа во одбраната против Блокотехна (49 поени во првото, само 22 во второто полувреме) и заслужено го кренаа пехарот (71-85).
Блокотехна беше без постигнат поен во првите две минути, по што Работнички го контролираше темпото на игра, како и резултатот во првата четвртина. „Црвено-белите“ од Скопје имаа најубедливи „плус шест“ (7-13), ја завршија четвртината со водство од 17-22, но потоа Блокотехна „блесна“ на самиот почеток од вториот период, што тимот од Гевгелија го отвори со серија од 9-0. Фундербурк беше незапирлив за гостите од Скопје постигнувајќи 19 поени во првото полувреме, по што Блоко заслужено замина на одмор со предност од 49-45.
Чавдар Костов ги презеде работите во свои раце на стартот од второто полувреме, за четири минути постигна осум поени и го сврте резултатот во полза на Работнички, принудувајќи го Марјан Илиевски на тајмаут при водство на Работнички од 51-56. Актуелниот шампион сепак не застана, ја доби третата четвртина со убедливи 20-10 и потоа на стартот од последниот период поведе со 59-68. Блокотехна се приближи на 63-68, имаше и напад при кој Лефкоски не реализираше чист шут, но затоа на спротивната страна две тројки во серија погоди Караџовски, за првото двоцифрено водство на натпреварот (63-74).
Илиевски зеде тајмаут, но кризата на Блоко продолжи, Младеновиќ фрли топка во аут, на спротивната страна Караџовски погоди и трета тројка и стави крај на надежите на гевгеличани дека можат да напават пресврт. Работнички на крајот заслужено триумфираше со 71-85, враќајќи го куп-трофејот во „Градски парк“ по ланското загубено финале од МЗТ Скопје.
Чавдар Костов со 25 поени беше предводник на Работнички на походот кон овој трофеј, Караџовски имаше 18 поени, одигра и одлична одбрана против Фундербурк во вториот дел, додека ветеранот Чековски постигна 14 поени. Кај Блокотехна најзабележителни на денешниот натпревар беа Фундербурк со 24 поени и Џумиќ со 15 постигнати поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА