Докузовски: Додека имавме сила, им париравме на „соколите“

Марин Докузовски му ја честиташе заслужената победа на составот на Карпош соколи, потенцирајќи го заморот како главна причина што Работнички не успеа до крај да му парира на градскиот ривал.

Тоа што го кажав пред натпреварот, тоа и се исполни. Првин сакам да им ја честитам победата на Карпош соколи, која сосема заслужено ја остварија и им пожелувам успех во финалето. Што се однесува до нашата игра, мислам дека додека имавме свежина во првото полувреме можевме да им парираме на играта. Имавме и неколку ситуации каде го намалувавме резултатот, стана тесно, меѓутоа големиот број на промашени слободни фрлања си го направи своето. Инаку мислам дека ќе имавме подобар резултат. Во второто полувреме веќе снемавме енергија, четвртата лична грешка на Чековски си го стори своето. Кога и да успеевме да намалиме, по некое непишано правило примавме по две-три лесни тројки, промашивме и неколку отворени шутеви и сето тоа скапо го плативме на крајот“ – изјави Докузовски.

Стратегот на Карпош соколи, Драган Николиќ, не ја криеше гордоста што оваа екипа втора година по ред успеа да стигне до големото финале во Купот на Македонија.

Сакам да им честитам на Работнички за добрата подготвеност за овој натпревар. Дефинитивно пресуди нашата подолга клупа на крајот. Ние бевме помотивирани, ги исполнивме задачите што ни ги дадоа тренерите и успеавме да го извлечеме максимумот од себе. Работнички имаа потежок натпревар претходно што нам ни овозможи да бидеме поодморени. Во моментите кога тие ја намалија разликата ни опадна концентрацијата, но успеавме да се собереме и да победиме. Тоа особено ни значи бидејќи Работнички има искусни играчи во својот тим кои знаат да играат одлично и на ’минус 15’. Кој и да ни биде следен противник знаеме дека нема да биде лесно“ – истакна шефот на стручниот штаб на Карпош соколи.

Се вчитува...