Доминантна победа во Луксембург, потврда на квалитетот за 6/6

Кошаркарската репрезентација на Македонија со перфектни 6-0 ги заврши претквалификациите за Евробаскет 2029, пласирајќи се во следната фаза од овој квалификациски циклус. Нашите кошаркари попладнево лесно и убедливо славеа во Луксембург со 66-80, триумф што не е толку важен резултатски колку како доказ за карактерот. „Црвено-жолтите“ направија сериозно ослабеани, без бројни првотимци, но оние кои добија шанса покажаа одлична игра, максимално залагање и демонстрираа дека во иднина може сериозно да се смета на нивните услуги.

Ефремовски и Ташовски добро го отворија натпреварот и донесоа рано водство од 5-11, по што Македонија од самиот старт целосно го контролираше резултатот. Пред крајот на четвртината шанса доби Бошалески и максимално ја искористи, постигнувајќи пет поени и носејќи водство од 15-23 по десет минути игра. Одбраната беше наш заштитен знак, домаќините се мачеа да стигнат до поени, додека на спротивната страна умешно ги користевме нашите шанси.

Американецот Систина погоди уште една тројка, прецизен од далечина беше и Ѓуроски, па селекторот на Луксембург во 17. минута мораше да побара нов тајмаут при наше водство од убедливи 22-40. Налетот на нашата национална селекција беше за момент запрен, но Македонија сепак замина на одмор со најубедливи „плус 19“ (27-46) по тројката што ја постигна Виктор Ефремовски од над десет метри со звукот на сирената.

фото: fiba.basketball

Maкедонија се соочи со мали проблеми на стартот од третиот период, во кој за четири минути постигнавме само четири поени, па противникот се приближи од 19 на 11 поени разлика (39-50). Берокал побара тајмаут при 43-54, но кризата во нашиот напад продолжи во текот на четвртината. За среќа, Луксембург не искористи неколку напади за уште повеќе да се приближи, па Ѓуроски погоди важна тројка за 45-59 најавувајќи излез од кризата во нападот.

Третата четвртина заврши со резултат 49-63, но Македонија постигна два поени за четири минути на стартот од последниот период, па селекторот Берокал побара тајмаут при наше водство од 55-65. Систина и Какруки постигнаа важни поени во рекетот запирајќи го налетот на Луксембург, по што рутински го приведовме мечот до крај и конечните 66-80.

Сестина беше најефикасен во нашиот табор со 18 поени на дебито за македонскиот национален тим, одличен беше и Ташовски со 16 поени, 7 скокови и 7 асистенции, додека Какруки реализираше 12 поени без промашување (6/6 од поле).

Македонија како првопласирана се пласира во следната рунда од квалификацискиот циклус, циклус што ќе трае долго ако се знае дека следниот европски шампионат се одржува дури летото 2029 година.

Се вчитува...