Доминација: МЗТ Скопје повторно е шампион, деветта титула за десет години во Аеродром

МЗТ Скопје ја продолжи доминацијата на македонската кошаркарска сцена откако „металците“ слаавеа во финалната серија против Пелистер со 3-1 во победи, за деветта титула на овој клуб во последните десет сезони. Аеродромци беа подобар ривал од битолчани, доминираа во голем дел од мечот и заслужено стигнаа до „брејк“ со кој избегнаа мајсторка и ставија печат на новиот шампионски трофеј, со победа изразена со резултат 93-102. Пелистер за првпат во клупската историја стигна до финале, но избраниците на Марјан Илиевски немаа сили за подвиг во серијата со актуелниот шампион, кој заслужено се закити со титулата.

Двата тима одиграа максимално ефикасно во првата четвртина, во која Малешевиќ и Младеновиќ го предводеа Пелистер, додека Немања Милошевиќ беше главен играч во таборот на МЗТ Скопје. Шутот од далечина функционираше одлично, Пелистер погоди 3/2 за тројка, МЗТ имаше 4/7 од оваа позиција, со што „металците“ ги надополнија осумте грешки во нападот што ги имаа во првите десетина минути игра. Ѓуроски погоди две тројки за битолчани, но сепак МЗТ ја доби стартната четвртина со минимални 27-28 по поените со звукот на сирената на Милошевиќ, кој иако влезе на средината од четвртината, успеа да стигне до десет постигнати поени.

Милошевиќ беше одличен и во нападот и во одбраната на стартот од вториот период, по што МЗТ Скопје стигне и до пет поени предност (32-37). „Пелистерци“ израмнија на 37-37, по што Петровиќ зеде тајмаут и МЗТ повторно ја презеде контролата над резултатот, аеродромци имаа максимални „плус осум“ и предводени од Милошевиќ (22 поени во првото полувреме) на одмор заминаа со предност од пет поени (51-56).

Третата четвртина го донесе и првото двоцифрен водство на „сино-белите“, кои во 23. минута стигнаа до предност од 52-63. Битолчани покажаа карактер и не само што не се предадоа, туку предводени од Игор Кесар целосно се вратија во натпреварот, намалувајќи на 63-65 нецели три минути по најголемата негатива на неговиот тим. Петровиќ побара тајмаут, МЗТ веднаш заигра многу поцврсто во одбраната, што придонесе да дојде и до ново двоцифрено водство (65-75). Војдан Стојановски одлично го играше цел меч, диктирајќи го темпото на нападите на МЗТ во финишот од четвртината, по која аеродромци во последните десет минути влегоа со водство од 72-83.

„Пелистерци“ во второто полувреме го запреа Милошевиќ, но затоа големи проблеми им создаваше Рикиќ, кој одлично ја отвори и последната четвртина, за водство на МЗТ Скопје од 72-88. Битолчани спуштија на десет разлика (78-88), но тоа беше се што успеаја да сторат, избраниците на Александар Петровиќ го исконтролираа мечот до самиот крај, триумфирајќи со конечни 93-102.

Милошевиќ со 31 поен, шест скока и четири украдени топки беше главна фигура на денешниот меч. Одличен беше и Војдан Стојановски, со 17 поени, шест асистенции и четири украдени топки, а 17 поени постигна и Рикиќ. Малешевиќ со 21 и Кесар со  19 поени беа најефикасни во таборот на Пелистер и на овој натпревар.

Се вчитува...