Доминација: РК Алкалоид без пораз до промоција во Супер-лигата

Ракометниот клуб Алкалоид продолжи со импресивни игри, откако со денешниот триумф во Богданци над Младост, изразен со убедливи 21-40, овој тим експресно обезбеди промоција во елитниот ранг на натпреварување. Алкалоид како нов проект почна да се натпреварува од најнизок ранг на натпреварување, но со игрите и резултатите веќе во првата година обезбеди влез во Супер-лигата.

Алкалоид, кој се формираше минатото лето како проект во кој шанса ќе добијат млади и талентирани играчи за воспоставување на модерен стил на игра, апсолутно ги оправда најавите за максимален професионализам, доминирајќи од почеток до крај во Првата лига, како во групната фаза, така и во завршницатa од шампионатот.

За потсетување, избраниците на тренерот Савевски ја завршија првата фаза со 17 победи и едно реми, за да продолжат во голем стил и во единствената група за разигрување, бележејќи победи над директните ривали во борбата за влез во Супер-лигата.

Кофиловски и Костовски беа најефикасни на денешниот триумф во Богданци со по шест погодоци, пет гола постигна Ивановски, а по четири Серафимов и Симоноски.

Се вчитува...