Донарума и Пакета го пропуштаат Јувентус

Џенаро Гатузо се соочува со огромен проблем – Милан освои само еден бод во последните три кола од „Серија А“, а згора на тоа остана и без двајца стандардни првотимци. Џанлуиџи Донарума и Лукас Пакета поради повреди беа заменети уште во првото полувреме од дуелот со Удинезе, а лекарските прегледи не донесоа добра вест за Гатузо, со оглед на фактот дека двајцата дефинитивно ќе бидат „во аут“ за дербито со Јувентус што на програмата е претстојниот викенд.

Донарума има проблем со мускулот на десната нога и се очекува неговата пауза од терените да изнесува околу 20 дена. Уште посериозен е проблемот со Пакета, кој има оштетување на лигаментите на зглобот на десната нога, па паузата од терените на Бразилецот ќе биде подолга од онаа на италијанскиот голман.

Милан моментно се наоѓа на четвртото место со четири бода предност пред Лацио, но римскиот клуб има и два натпревари помалку во однос на „росонерите“.

Се вчитува...