Дончиќ ја загуби битката со Адетокумбо, нов убедлив триумф на лејкерси

Серијата од четири победи на Далас маверикс беше прекината синоќа кога оваа екипа загуби на гостувањето против Милвоки бакс со 112-109. Далас беше сериозно ослабен, тренерот Карлајл не можеше да смета на Ричардсон, Брансон, Пауел, Клебер и Фини-Смит, но и со ваков лимитиран состав гостите до последната минута одлично му парираа на еден од најдобрите тимови на „истокот“. На крајот, сепак Милвоки беше тимот што се радуваше на победата, пред се благодарение на одличниот Адетокумбо и неговиот 31 поен. На спротивната страна, повторно најдобар кај Далас беше Лука Дончиќ, постигнувајќи 28 поени, девет скокови и 13 асистенции.

ЛА Лејкерс одигра уште еден шампионски меч, рутински триумфирајќи над Њу Орлеанс со 112-95. Леброн Џејмс со 21 поен и 11 асистенции беше предводник на „езерџиите“, додека дабл-дабл од 21 поен и 11 скокови на спротивната страна забележа Вилијамсон.

ЛА Клиперс со супериорна игра го декласираа на гостински терен Сакраменто со 100-138. Отпорот на домаќините беше скршен со извонредната трета четвртина што клиперси ја добија со 16-37. Најефикасни во победничкиот тим беа Ленард со 27 и Џорџ со 26 поени.

Резултати НБА:

Бостон – Орландо 124-97, Кливленд – Њујорк 106-103, Милвоки – Далас 112-109, Оклахома Сити – Чикаго 127-125 (по прод.), Јута – Атланта 116-92, ЛА Лејкерс – Њу Орлеанс 112-95, Сакраменто – ЛА Клиперс 100-138.

Се вчитува...