Дончиќ поуспeшен од Вестбрук, Лејкерс го добија дербито на Калифорнија (ВИДЕО)

Лука Дончиќ и против Оклахома, повторно беше лидер на Далас во 17. сезонска победа. „Маверикс“ славеа со 105-103 во неизвесниот натпревар во кој Словенецот постигна 25 поени. Првата ѕвезда на Оклахома, Расел Вестбрук застана на само девет поени во само втората сезонска средба на која има едноцифрен број поени.

Клучната разлика за триумфот, Далас ја направи во третата четвртина. Иако  Оклахома се закани и дури дојде и до минимално водство, пред се благодарение на одличниот Пол Џорџ, сепак, Далас во финишот успеа да ја одбрани победата. Џорџ средбата ја заврши со 36 поени.

Лос Анџелес Лејкерс веќе втор натпревар се без Леброн Џејмс, но за разлика од првиот меч без лидерот, во дуелот со Сакраменто забележаа победа (121-114). Во натпреварот исполнет со пресврти, Сакраменто имаше плус 10 на полувремето, но Лејкерс го свртеа резултатот и ги одбија нападите на „кралевите“ во завршниот сегмент. Кентавиус Калдвел Поуп со 26 поени беше прв стрелец кај Лејкерс, Дерон Фокс со 26 поени беше лидер кај Сакраменто.

На останатите средби, Портланд ја прегази Филаделфија со 129-95, Торонто беше поуспешен од Чикаго со 95-89, Минесота триумфираше на гостувањето кај Мајами со 113-104, а Орландо го победи Детроит со 109-107.

Се вчитува...