Дончиќ пред портите на „рајот“ – нова шанса да заигра на олстар-мечот

Неправдата кога станува збор за неизбирањето на Лука Дончиќ во списокот на играчи за претстојниот олстар викенд би можела да биде исправена, откако се отвори можност словенечката суперѕвезда да се појави на главниот меч по повредата на Ентони Дејвис. Центарот на Њу Орлеанс се мачи со повреда на рамото и според првичните прогнози ќе паузира најмалку 20 дена, што го прави невозможен неговиот настап на олстар-пресметката.

Согласно правилата, во вакви ситуации кога играчи се повлекуваат во последен момент, замените не ги именуваат тренерите или капитените, туку Комесарот на НБА-лигата, Адам Силвер. Генерален став на кошаркарската јавност во САД е дека со игрите прикажани во досегашниот дел од сезоната ова место најмногу го заслужува Дончиќ, но Силвер ќе ја почека конечната дијагноза на Дејвис пред да ја обелодени својата одлука.

Дончиќ секако ќе биде присутен во Шарлот како дел од дуелот на младите играчи од САД и од „остатокот од светот“, па на повик на комесарот може експресно да биде прекомандуван во тимот на „најголемите ѕвезди“ чиј капитен е Леброн Џејмс.

Се вчитува...