Дракслер: Дојдовме во Барселона за повторно да победиме

Новото засилување на Пари Сен Жермен, германскиот интернационалец Џулијан Дракслер, е самоуверен во пресрет на утрешниот реванш меч против Барселона на „Камп Ноу“, во рамките на осминафиналето на Лигата на шампионите. Пристигнувајќи во Барселона, Дракслер изјави дека „светците“ дошле да победат и на вториот меч, иако имаат огромна предност (4-0) по првите 90 минути на „Паркот на принцовите“.

„Барселона е еден од најквалитетните тимови во светот, и способна е да одигра „луди натпревари“, па и да победи со 5-0. Но, нас тоа не не интересира. Покажавме дека можеме да ги надиграме, но и на утрешниот меч ќе одиме на победа. Нема да се браниме, туку ќе играме со намера повторно да триумфираме“, изјави Дракслер.

Тимот на Унаи Емери вечерва го одржа единствениот тренинг на „Камп Ноу“ во пресрет на утрешниот дуел, а шпанскиот стратег нема да може да смета на Тијаго Мота, кој не ги мина лекарските прегледи.

Се вчитува...