Драма со несреќен крај во Букурешт: Почеток со пораз на мундијалскиот пат

ЕКИПА во Букурешт, Романија

Владимир Булатовиќ

Македонската репрезентација одигра квалитетен натпревар во Букурешт против Романија на стартот од квалификациите за СП 2022, но кога во финишот се врати од бездната по 2-0 за домашните стигнувајќи и до 2-2 со головите на Адеми и Трајковски во 82. и 83. минута, сепак на крај ја загуби драмата за пораз од 3-2.

По почетната привидна контрола на играта на Романците, првата вистинска шанса ја имаше македонската репрезентација во 8. минута. Брз напад, двојно проигрување меѓу Алиоски и Несторовски најпрво во домашниот шеснаесетник, потоа и вторпат Пандев до Несторовски но неговиот обид од десеттина метри заврши крајно непрецизно.

Денис Ман во 17. минута го имаше и првиот обид за Романците, но Димитриевски го брани неговиот шут од 18 метри. Веднаш во следната минута и Банку се обиде од 20 метри, но Димитриевски повторно сигурен.

И, во 22. минута нова одлична шанса за македонската селекција. Барди одлично го проигра Пандев во домашниот шеснаесетник, но лоб-ударот на капитенот заврши над голот на Романците.

И кога не се искористија шансите, на спротивната страна следеше казна во 28. минута. Танасе по проигрувањето од Каракаше, одлично реализираше за 1-0.

Сепак, тоа не ги обесхрабри македонските репрезентативци, па во 32. минута извонредна шанса имаше и Елиф Елмас но од десеттина метри откосо шутираше покрај голот, а во 37. минута и Несторовски по проугрувањето од Бобан Николов не реализираше.

Второто полувреме почна лошо за избраниците на Игор Ангеловски. Михаила на своето деби во националниот дрес на Романија, во 50. минута испрати вистински проектил за водство од 2-0.

Тоа значеше и „аларм“ во македонската селекција, па во 55. минута во игра влегуваат Стојановски на местото на Несторовски, и Аријан Адеми на местото на Бобан Николов.

Па, во 67. минута првата вистинска шанса за Македонија во вториот дел. По катастрофалната грешка на голманот на домашните кој играше со рака на вратена топка, индиректен удар од 12. метри за Македонија. Сепак, Барди шутираше само во телото на Марин.

Во 73. минута нова 100% шанса за македонскиот состав, но овој пат Адеми од 7-8 метри од идеална позиција шутираше само во голманот Нита. Во 77. минута идеална можност и за Романците, но шутот на Бикфалви од 16 метри за малку покрај голот на Димитриевски.

И, по бројните пропуштени шанси, македонската репрезентација дојде до израмнување 2-2 во Букурешт за само 60 секунди шокирајќи го романскиот состав.

Најпрво, одлична акција во 82. минута. Алиоски мајсторски нафрли од левата страна, а Адеми со глава од 7-8 метри за намалување на предноста од 2-1. А, веќе во следната минута, Барди феноменално асистираше во празно за нововлезениот Трајковски кој од 12 метри стрела за 2-2.

Но, македонската радост траеше само три минути откако нововлезениот Јанис Хаџи во 86. минута повторно носи водство од 3-2 за Романија. Сето тоа на крај за почетна победа на Романците на мундијалскиот пат, и почеток без бодови за Македонија.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022 – Група Ј (1. коло)
РОМАНИЈА – МАКЕДОНИЈА 3-2 (1-0)
Национална арена во Букурешт. Натпревар без публика. Главен судија: Фабио Верисомо (Португалија). Стрелец: Адеми 82′, Трајковски 83′ (М) – Танасе 28′, Михаила 50′, Хаџи 86′ (Р).
РОМАНИЈА: Нита, Попеску, Кирикеш, Бурка, Банку, Марин, Станчиу, Ман, Танасе, Коман (14′ Михаила), Кешеру
Селектор: Мирел Радои
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Бејтулаи, Муслиу, Ристевски, Алиоски, Барди, Николов (55′ Адеми), Елмас, Пандев (77′ Трајковски), Несторовски (55′ Стојановски)
Селектор: Игор Ангеловски

Се вчитува...