Олимпијакос по огромна драма успеа да слави над Реал Мадрид и да се искачи на врвот на кошаркарска Европа, откако во вечерашното финале во Атина го совлада Реал Мадрид со резултат 92-85. Како и пред 13 години кога го совладаа Реал додека во тимот го имаа нашиот Перо Антиќ, атинските „црвено-бели“ дочекаа повторно да се искачат на тронот, повторно со триумф над шпанскиот кошаркарски гигант. „Кралевите“ и без тројца повредени центри се покажаа во одлично светло, целосно парираа 38 минути, промашија тројка за израмнување во финишот, но на крајот Олимпијакос беше тимот што се израдува на големата победа, пред своите верни навивачи во „ОАКА Арената“ во Атина.
Слично како и во полуфиналето со Валенсија, Реал повторно импресионираше со фуриозен почеток со кој погодуваше во нападот, а со агресивната одбрана го исфрли од ритам противникот. Везенков беше речиси целосно неутрализиран, Милутинов не можеше да доминира во рекетот, а Реал во својот напад го имаше Треј Лајлс, крилниот играч кој го затвори рекетот, а згора на тоа постигна речиси половина од поените на Реал во првото полувреме (21 од 44). „Кралевите“ имаа и двоцифрена предност во дел од првото полувреме, но Олимппијакос предводен од Фурние успеа да се врати, па со поените на Питерс дури и да замине на одмор со предност од 46-44.
Рововската битка продолжи и во целото второ полувреме, во кое екипите се менуваа во водство, Олимпијакос целосно го неутрализираше Лајлс, но затоа во ритам влезе одличниот Хезоња. Токму со тројката на Хрватот резултатот беше израмнет на 80-80 на 2:12 минути до крајот, но се покажа дека тоа е се што Реал успеа да стори во ова финале.
Тајрик Џонс имаше клучно забивање, а потоа судиите имаа две одлуки со кои ги испратија „црвено-белите“ на линијата за слободни фрлања, по што предноста на Олимпијакос скокна на 86-80. Фурние од линијата за слободни фрлања донесе 88-80, Реал се приближи на 88-83, а потоа Кампацо доби три слободни фрлања. При 88-85 Кампацо намерно го промаши третиот „пенал“, Шпанците ја фатија топката, но Фелиз ја промаши тројката што можеше да донесе израмнување. Питерс фати скок, изнуди прекршок, по што крилниот кошаркар на Олимпијакос стави печат на победата, на крајот израззена со конечните 92-85.
Фурние со 20 и Питерс со 16 поени беа најефикасни во победничкиот тим, додека први стрелци на Реал во ова финале беа Лајлс со 24 и Хезоња со 19 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
