Драма во Далас: Лука, Јанис и Харден ѕвезди на вечерта… (ВИДЕО)

Лука Дончиќ повторно е херојот во победата на Далас против Орландо во најинтересниот од синоќешните девет натпревари во НБА лигата.

Далас во неизвесен меч славеше со 107-106 благодарение на Дончиќ кој запиша 27 поени. Кај Орландо се издвои Арон Гордон со 23 поени, а Вучевиќ запиша 19 поени и 11 скока. Орландо имаше можност и за триумф, но Вучевиќ не погоди шут за три поени во последните секунди.

Затоа пак Бојан Богдановиќ, кој мечот го заврши со 22 поени, постигна клучна тројка за победа на Јута против Филаделфија од 106-104. Најефикасен во победничкиот тим беше Мичел со 24 поени.

Детроит славеше против Њујорк со 122-102 благодарение на Тони Снел кој мечот го заврши со 24 поени, притоа со 100% ефект, без ниту едно промашување. Андре Драмонд постигна 27 поени дополнети со 12 скокови, додека кај Њујорк најдобар беше Рендл со 20 поени.

До минатата сезона дуелите меѓу Хјустон и Голден Стејт беа големо дерби во НБА лигата, но овој пат сето тоа ни од далеку не личеше на натпревар. Хјустон славеше со 129-112, воден од одличниот Џејмс Харден со 36 поени и 13 асистенции. Расел Вестбрук немаше некоја вечер постигнувајќи 18 поени, дополнети и со осум скока и шест асистенции.

Милвоки предводен од Јанис Адедукомбо, кој мечот го заврши со 38 поени, 16 скока и 9 асистенции, триумфираше на гостински терен против ЛА Клиперс со 124-129.

Се вчитува...