Драма во Кристијанштад: Вардар загуби со гол на шест секунди пред крајот! (ФОТО)

Во крајно драматичен натпревар, Вардар го доживеа првиот пораз во ЕХФ Лигата на Европа, во третото коло, на гостувањето против Кристијанштад во Шведска со 32-31 (14-11). Феноменален на голот на Вардар беше Валах со 19 одбрани, но „вардарци“ ниту тоа не успеаја да го искористат барем за реми, примајќи погодок на шест секунди пред крајот за пораз и губење на лидерската позиција во групата.

Уште во првото полувреме се играше максимално израмнето на стартот, низ минути одбележани од голманите на двата тима. Сепак, домашните успеаја пред крајот на првиот дел да се одлепат за предност од 14-11.

Но, одличен старт на „вардарци“ во второто полувреме, и по само десет минути успеаја да дојдат до израмнување (16-16), а потоа и одржувајќи ритам се до 19-19. Но, Швеѓаните потоа успеаја да се одлепат за предност од 25-21, но со нова серија „црвено-црните“ се вратија на 25-24.

По играта гол за гол, домашните на шест минути пред крајот со голот на Монсун повторно дојдоа до три гола предност (29-26). Но, потоа феноменална минута за Вардар на крилјата на своите навивачи присутни во Кристијанштад, и со головите на Хориха, два, и Митровиќ дојде до 29-29.

А, потоа на две и пол минути до крајот, одлична одбрана на феноменалниот Валах и гол на Хориха за 29-30. Но, во игра гол за гол се дојде до 31-31 на една минута до крајот. Вардар не реализираше напад, а домашните имаа 26 секунди за напад, и на шест секунди пред крајот најдобриот поединец кај Кристијанштад, Монсон со гол донесе победа за својот тим од 32-31.

Валах беше извонреден на голот на Вардар со 19 одбрани, осум гола постигна Хориха, а со шест погодоци заврши Малус. Кај Кристијанштад феноменален беше Монсон со 13 постигнати гола.

Сега Кристијанштад е лидер на табелата со 5 бода, пред Вардар со 4 бода. Во следното коло Вардар ќе ги пречека Швеѓаните во Скопје.

Се вчитува...