ДРИБЛИНГ: Фудбалерите од денеска го живеат својот сон – Пола држава, пак, сега се разбуди…

ДРИБЛИНГ

Владимир Булатовиќ

Македонските фудбалски репрезентативци од денеска, со првиот собир во Скопје за настапот на Европското првенство, почнуваат да го живеат својот сон. И додека тие заслужено го живеат сонот, паралелно со тоа, пак, пола држава сега ни се буди од 30-годишната „дремка“, освестена дека и во Македонија се играло фудбал. Требаше да дојде настап на ЕВРО-шампионат за да ни се случат државни Координативни тела за поддршка на репрезентативците; компании и стопанственици кои сега чекаат на ред да добијат место блиску до фудбалот и по некој фудбалер за свое заштитно лице; телевизиски газди и главни уредници кои сега се свестуваат дека имало и спорт како категорија; политичко-информативни емисии за кои селекторот, капитенот и репрезентативците се интересни, не како спортско-општествена вредност, но како политичка агенда…!

А формирањето на државното координативно тело за поддршка на репрезентацијата на ЕВРО 2020 повеќе ми личи на онаа старата-позната „Ако сакаш работата да не биде завршена тогаш формирај си некаква комисија“. Затоа што, и во конкретниот случај, сосема е јасно дека на фудбалот, па и на спортот воопшто, не му требаат координативни тела за поддршка откако ќе се обезбеди учество на најголемите европски или светски смотри. На спортот му треба долгогодишна координирана стратегија и акции како да се биде постојано дел од истите. А, потоа промоцијата сама по себе ќе си биде обезбедена, без било каква поддршка.

И, поддршката за спортот не се мери во ваучери, посебно за екипните спортови, кои главно се користат за плати на странските спортисти, но се мери со топли сали, соодветни терени, базени, атлетски и тениски борилишта, броен стручен кадар…, интезивна инвестиција во училишниот спорт и стратешки план што значи спортот како амбасадор на една земја.

Интересно ми е… Во моментов токму во круговите на онаа претходно спомната, пола држава, како да лебди мислењето дека и ‘овој успех на фудбалската репрезентација „паднал од небо“’. И никој не се ни труди да се запраша како и зошто се стигнало до тој пласман на ЕВРО 2020. Ете на пример, дали и како директорот на младинските национални селекции Зоран Стратев заедно со целиот свој тим, Академијата и младинските селектори, претходно селектирале, одбирале, растеле фудбалери…? Дали можеби некој веќе обезбедил беспрекорни услови за работа на репрезентациите, и дали и колку средства биле неопходни за тоа? Дали и некој одлучил да ги одреди и им даде доверба на селекторите кои изминативе години не одведоа до европските првенства? Дали е случаен и пласманот на младите на ЕП 2017 или некој знаел како до таму, пат кој потоа отвора и далеку побогати фудбалски кариери…? Дали некој агитирал, врбувал, убедувал поединци со македонски корени да играат за националниот тим, и тогаш кога пола држава не знаеле дека тие и постојат…?

Но, како и да е, па макар и задоцнето, добредојдено е сето ова како освестување колку фудбалот е значаен за една држава и општество од многу аспекти. Затоа што јасно е дека фудбалот и тоа како може да биде една од најдоходовните стопански гранки во Македонија. Ако се знае да се разбере на вистинскиот начин. Колкаво е значењето на фудбалот и за целокупното општествено живеење повеќе од сериозен доказ е и синоќешната прослава во Кавадарци за прволигашката промоција на Тиквеш. Половина град на улица прославуваше пласман од Втора во Прва лига.

И, како е да е, добредојдена е малку и неконтролираната еуфорија и за пласманот на македонската селекција на ЕП, па дури и кога истите оние забавно-сеирџиски медиуми кои поставувале „дрва-колци“ како илустрација за Пандев и македонските репрезентативци, сега, пак, ги величаат до „светци“. А, не се ниту „колци“ ниту „светци“… Доволно е овие избраните репрезентативци да си останат тоа што се, и од денеска со првиот собир за ЕВРО 2020, да се изолираат од сите надворешни случувања, па и од неизбежните глорификации кои, и тоа како, деновиве ќе ги има. И останувајќи цврсто на земја да се обидат во Букурешт и Амстердам, најпрво за себе, а потоа и за цела Македонија да донесат нова радост. Затоа што умеат и можат!

Се вчитува...