ДРИБЛИНГ: Првиот македонски крал!

ДРИБЛИНГ

Владимир Булатовиќ

Повлекувањето на Горан Пандев од репрезентативниот дрес по 20 години негово воздигнување во ниту еден случај не може да значи крај! Напротив. Онака како што и може само да личи за најголемиот во нашата фудбалска независност – единствено нов почеток, нова страница, нов патоказ за македонскиот репрезентативен фудбал.

Веројатно, токму онака како што животот и сам ги мести коцките за бесмртните, судбината сакаше пред шест години Горан револтирано да се повлече од боиштето. Па, чекајќи ја вистинската „војска“, со која конечно ќе може да освојува, беспрекорно тивко да „воскресне“ како првиот вистински македонски фудбалски крал!

Огромна е полемиката кој и како е најдобриот македонски фудбалер во историјата. И секогаш ќе ја има. Затоа што Македонија имала и многу фудбалски синови, кои тешко и неблагодарно е да се компарираат еден со друг. Но, делото на Горан Пандев во последните пет години ниту може ниту смее да се компарира со било кој и било што. Начинот на кој ја поведе Македонија до својот и сонот на целото општество ќе остане вечно запаметен како пример за лидерство, не само во нашата земја но и многу подалеку. А, Европа веќе тоа и тоа како го препозна. И се восхити! Затоа повлекувањето на Горан никогаш не може да значи крај. Но, единствено, целиот негов професионален пат, само почеток-пример како во иднина треба да се движиме во желбата за нови освојувања. Затоа што Македонија пред себе има уште многу фудбалски кралеви кои во иднина треба да радуваат!

И да не се лажеме. И Горан Пандев е само човек. И има постапки кои некои никогаш не ги оправдувале. Но, ниту од далеку не може да засенат се што направи за македонскиот фудбал изминативе 20 години. Токму затоа, и покрај величенственоста на минутите во Амстердам кои синоќа блеснаа пред светскиот аудиториум и кои засекогаш ќе ги паметиме и ние и самиот тој, Горан Пандев единствено заслужува да биде испратен со почестите од својата „војска“, на домашна арена и пред својот народ. Па, токму на 11.октомври, арената „Тодор Проески“, мечот против Германија, да бидат моментот и местото на кое 35.000 ќе го поздрават кралот!

Се вчитува...