Дрим-тим на мак-баскетот за 2020/2021 (ФОТО)

По засилената промоција на кошаркарската игра на домашната сцена со одбир на најдобрата петорка по секое одиграно коло во регуларниот дел од сезоната,  ЕКИПА направи и избор на најдобрите петмина кои ги одбележаа првите 22. кола во Првата кошаркарска лига. Покрај тоа одбрани се и тренер на регуларниот дел, како и најдобар млад играч.

Во едни поинакви услови од оние кои што сме навикнати, по пет месеци жестока борба на кошаркарските терени ширум Македонија конечно беше комплетиран регуларниот дел од првенството по кој можеме да кажеме дека оваа сезона е една од најизедначените во историјата на домашната кошарка.

Согласно со тоа, изборот на најдобрите петмина кои ги одбележаа првите 22. кола во Првата лига, а притоа има значаен придонес во резултатите за своите тимови, како и изборот на најдобриот тренер и најдобар млад играч на регуларниот дел од сезоната не беше нималку лесен, но едноставно некои кошаркари не можеа, а и не смееа да се заобиколат.

Таков е српскиот тандем од редовите на Пелистер, Никола Малешевиќ и Игор Кесар. Крилниот играч и центарот дадоа една поинаква димензија во играта на „зелено-белите“, а со нивното изобилство на кошаркарски квалитети беа едни од најзаслужните за речиси перфектната „полусезона“ на битолскиот состав. Искуството кое го носат овие два кошаркара со сигурност ќе продолжи да биде од огромна значајност на Пелистер во битката за титула.

Доколку го издвоиме Пелистер како тим кој го одбележа регуларниот дел од сезоната, епитетот сензација на сезоната му припаѓа на новалијата ТФТ. Младиот состав на Боро Смилковски кој оваа сезона се бореше на два фронта инспирираше со својата брза, полетна и модерна кошарка, а „моторот“ на овој тим е Тај Харис. Американецот покрај тоа што е лидер на натпреварувањето со 7.6 асистенции по натпревар, со самото присуство на паркетот дава стабилност на „црно-белите“ во нападот, но и во одбраната.

Велат дека колку е постаро виното, толку е и подобро, а тоа оваа сезона го докажува Дарко Соколов, кој пред неколку дена наполни 35 години, а на паркетот игра како да има 25. Поранешниот репрезентативец е клучниот играч на Еуро Никел кој со своите „ол-ароунд“ партии ги предводеше кавадарчани до значајни победи, меѓи кои и оние на гостински терен против МЗТ Скопје и Пелистер, а неговото присуство ќе продолжи да биде од големо значење во разигрувањето за титула.

Она што претставува Харис за ТФТ, тоа претставува Стефан Крстајиќ за Академија ФМП. „Господин 30“ оваа сезона пет пати ја надминуваше гранцата на 30 постигнати поени за својот тим, а еден од нив беше и одлучувачкиот дуел против ТФТ со кој „пантерите“ изборија место во разигрувањето за титула. Србинот беше и еден од најзаслужните за победите на својот тим над Гостивар, Работнички, Куманово и МЗТ Скопје, но мисијата на бекот на ФМП не е завршена бидејќи составот од Кисела Вода го очекуваат четвртфинални серии против лидерот Пелистер.

Марјан Илиевски апсолутно заслужено е изборот на ЕКИПА за тренер на сезоната, по извонредните резултати на скопјанецот нa клупата на Пелистер, додека во конкуренција на неколку талентирани играчи признанието за најдобар млад кошаркар заминува во рацете на Максим Митевски од МЗТ Скопје 2.


Се вчитува...