Друловиќ: Ристовски би бил добро засилување за Спортинг

Интересот на Спортинг Лисабон за услугите на Стефан Ристовски ја наруши „тишината“ на фудбалската берза во Португалија. Така, медиумите во оваа земја се обидоа да дознаат нешто повеќе за македонскиот репрезентативец, па за мислење го прашаа поранешниот селектор на нашиот национален тим, Љубинко Друловиќ. Србинот, кој како играч имаше бројни одлични настапи во дресот на Порто, имаше само пофални зборови за македонскиот десен бек, препорачувајќи го кај гигантот од Лисабон.

Не се сомневајте, Стефан Ристовски е квалитетен играч. Тој е многу офанзивен десен бек кој сака да игра во напад, знае да нафрлува опасни центаршутеви од својата страна. Сезонава игра одлично за Ријека и е меѓу најзаслужните што овој тим е прв во Хратска. Според мене, Ристовски е навистина добар фудбалер кој може да направи разлика дури и во гигант како Спортинг. Морам да истакнам дека тој е пред се одличен професионалец, кој секогаш ги извршува задачите што му ги дада тренерот, сака да работи и да напредува, а тоа е многу важно за тренерот што го има во својот тим. Јас секогаш бев задоволен од него додека бев селектор на Македонија“ – изјави Друловиќ.

Стефан Ристовски во неколку наврати сезонава потенцира дека приоритет во моментов му е со Ријека да ја освои шампионската титула во Хрватска, но речиси сигурно е дека македонскиот десен бек по завршувањето на сезоната ќе се пресели во некоја од посилните европски лиги.

Се вчитува...