Дујовски по проектилот против Шкендија: Ова е најубав гол во мојата кариера! (ВИДЕО)

Брегалница ремизираше со актуелниот шампион Шкендија во повеќе од возбудлив натпревар од 3. коло во Првата македонска фудбалска лига, кој беше заокружен со прекрасниот погодок на Владимир Дујовски во втората минута од судиското продолжение за конечни 3-3.

„Сините“ одиграа квалитетен меч во кој беа поблиску до триумфот по двете водства, но дозволија на крајот и да спасуваат бод по пресвртот на гостите. Кога се чинеше дека Шкендија ќе отпатува со бодовите, на крајот пресуди проектилот на Дујовски за 3-3.

„Ако се погледне целиот натпревар и се анализира мислам дека можевме и до трите бода на овој дуел. Постојано имавме контрола на играта и резултатот против големиот фаворит се до финишот од средбата. Но, на крајот ете мораше и да извлекуваме бод“ – вели Дујовски.

За погодокот кој го одбележа колото во македонскиот фудбал.

„Едноставно помислив интуитивно дека можам да шутнам и да погодам. Целта ми беше шутот да биде што посилен, и на крајот го постигнав најубавиот погодок во мојата фудбалска кариера, и тоа така значаен на еден ваков натпревар против шампионот. Во секој случај, среќен сум што правдата на крајот беше задоволена. Затоа што не заслуживме да загубиме“ – истакнува Дујовски.

Во следното, 4. коло, од ПМФЛ веќе во недела (22. август) Брегалница гостува на Борец во Велес.

Се вчитува...