Дукоска со гол во последната секунда и донесе реми на Македонија против Шведска

Женската ракометна репрезентација на Македонија до 18 години одигра реми 20-20 против Шведска на стартот на главната групна фаза на Светското првенство кое се одржува во Скопје. Македонија стигна до ремито во еден трилер меч откако Дукоска во последната секунда успеа да реализира за нерешено.

И двете репрезентации отворија како во грч. Промашувања на чисти позиции и многу технички грешки имаше на стартот, па почетниот резултат (0-0) стоеше се до четвртата минута кога Македонија поведе со голот на Ризоска. Одговор на ова беа два гола на Швеѓанките по кои во петата минута првпат стигнаа до водство (1-2). Нашите ракометарки продолжија да промашуваат чисти ситуации, а тоа го искористија гостинките кои во десетата минута стигнаа до највисоки до тој момент плус четири (2-6), по кои селекторот Савевски мораше да интервенира со тајм-аут.

И по тајм-аутот на Савевски нашите ракометарки продолжија со големиот број на грешки. Промашување на изградени позиции и во некои моменти и паѓање на топката од раце доведе до тоа по 20 минути игра Шведска се уште да има убава разлика, плус три (5-8). Во следните шест минути следуваше вистинско шоу на Ива Младеновска на чии крилја успеавме на четири минути до крајот на првиот дел да дојдеме до израмнување 9-9. Повторно се одбранивме, а со голот на Дукоска првпат по воведните 1-0 стигнавме и до предност (10-9).  До крајот на првиот дел продолжи нашата одлична игра, а на полувреме „црвено-жолтите“ девојки заминаа со предност од највисоки за нас два гола разлика (12-10).

И второто полувреме повторно го почнавме лошо. Осум минути бевме без гол, нешто што го искористија Швеѓанките да стигнат повторно до водство 12-13. На нас ни беа потребни цели единаесет минути да го постигнеме првиот гол во второто полувреме преку Теодора Дукоска која израмни на 13-13. Продолживме со промашување на чисти ситуации, што доведе во последните десет минути да влеземе со негатива од два гола (15-17), по што следеше нов тајм-аут на Савевски. Следуваа два наши погодоци по кои на пет и пол минути до крајот повторно влеговме во егал 17-17. Следуваа нови два гола за Швеѓанките кои стигнаа до 17-19. Следуваше нов наш еднаков одговор и во последната минута мечо влезе во реми 19-19. Михаиловиќ погоди во последниот напад за Шведска со што донесе на 20 секунди до крајот водство од 19-20. Дукоска на крајот успеа да се извади за сите промашувања и да погоди за 20-20.

Ива Младеновска со пет гола беше прво име во нашиот табор, додека кај Шведска Михаиловиќ заврши со ист број голови.

Со овој бод ние сме во пол-позиција за четвртфиналето бидејќи сами ќе одлучуваме во мечот против Исланд во петок. И со пораз на тој натпревар, доколку Шведска не го победи Иран убедливо ние ќе бидеме меѓу осумте најдобри.

Се вчитува...